Quote:
Потрага по главниот град на Пајонијакири против инкасаторите
Поминал ли Александар Македонски со својата војска низ Дреновската Клисура, на локалитетот Градиште, каде што веќе се ископани масивни мермерни блокови и се претпоставува дека земјата крие ранохристијанска базилика и средновековна црква? Што е ископано и изнесено преку отворените сонди со кратер од околу три метри во длабочина?
Археолозите ја започнаа потрагата по одговорите на овие и на многу други прашања, кои, велат, ќе отворат нова страница во светската историја и ќе го стават локалитетот Градиште меѓу десетте топ-локалитети во Македонија. Досега, велат археолозите, локалитетот неправедно е запоставен и оставен на милост и на немилост на дивите копачи. Со дозвола од Управата за заштита на културното наследство и со скромни 45.000 денари, екипи од Музеј-галеријата од Кавадарци, од Катедрата за археологија на Филозофскиот факултет, Институтот за историја на уметност и археологија и средношколци од кавадаречката гимназија десетина дена работеа три километри северозападно од селото Дреново, на самиот магистрален пат Градско-Прилеп, каде што се вршеле ископувања уште во далечната 1932 година, но од 2003 година локалитетот е предмет на систематски истражувања. Работено е на два сектора и притоа се откриени остатоци од некропола и петнаесетина површински гробни прилози во кои се чувани мирисливи масла, како и масивни мермерни блокови за кои се претпоставува дека се врата од некој храм. Комплетниот керамички материјал, заедно со десетината монети од средниот век кои се откриени на длабочина од шеесетина сантиметри, укажуваат на тоа дека се што е пронајдено е од доцниот римски период.
"Она што го бараме ние е кралството на Пајонците, а тоа е многу порано, во четвртиот век пред нашата ера, уште во класичното време, кога Пајонското Кралство владеело на овие простори, а главниот град Еутарист бил најзначајниот центар", вели раководителот на проектот Весна Ѓорѓиева, виш кустос во Музеј-галеријата во Кавадарци. Според картата на Интергијана, самиот град е со површина од 17 хектари и се претпоставува дека бил лоциран токму тука, во Дреновската Котлина пресечена со природни карпи. Професорот д-р Виктор Лилчиќ, како кораководител на проектот, ја поткрепува ваквата претпоставка со фактот дека токму тука, на северозападната падина на Градиштето Дреново е пронајдено најголемото депо од триесетина монети на последниот крал на Пајонците, Дропион, што упатува на претпоставката дека, можеби, во овој град се наоѓала и главната ковачница за монети.
"Ако разговарате со луѓе од Нумизматичкото друштво во Скопје, ќе ви кажат дека досега дивите копачи изнеле над 300.000 монети од утробата на оваа земја", вели професорот Лилчиќ. "За несреќа, горните површини, акрополата, тие се веќе исчистени, таму веќе не можат да се пронајдат метални предмети или монети, но во подножјата на јужната и на западната страна, на терасите, со подоцнежните ископувања можат да се најдат уште многу парчиња, што дава надеж дека објектот не е убиен. За овие десетина дена од нашите истражувања ние најдовме еден сребрен денар на римскиот цар Трајан и неколку бронзени монети од вториот век пред новата ера на градовите Пела, Тесалоники и Стоби, како и на некои македонски кралеви", вели професорот Лилчиќ.
Музејот на град Кавадарци веќе го изготви проектот за продолжување на работите на овој локалитет во наредната година, со кој побара од Министерството за култура да му бидат одобрени околу 300.000 денари.
"За ваков значаен археолошки локалитет се потребни многу повеќе пари, па очекуваме дека и локалната самоуправа ќе се вклучи со финансиски средства, кои би овозможиле работите да се реализираат во еден подолг временски континуитет", вели Петре Камчевски, кустос-советник и директор на Музејот во Кавадарци.
Според археолозите, предвидено е напролет да се направат геоскенирања на теренот на површина од десетина хектари за да може да се отвори бедемот на градот и да се откопа и да се конзервира некој објект што ќе биде отворен за јавноста. Тоа е првата фаза од работите, кои ќе траат минимум три години. Во втората фаза ќе треба да се изгради пристап до археолошкиот локалитет, паркинг-простор и музејска збирка, а паралелно ќе треба да се работи на негово промовирање во јавноста за да можат туристичките агенции да го стават во своите понуди како значајна археолошка локација. За да се почне константно да се работи, годишно ќе бидат потребни средства во висина од пет милиони денари, но во оваа сума не влегуваат конзерваторските работи, оградувањето на просторот и чуварската служба.
"Овој локалитет во Градиште се наоѓа на главната магистрала, и затоа се издвојува како локалитет од прва категорија најпогоден за афирмација на македонската култура", тврди Лилчиќ.
Археолозите се надеваат дека ќе го откријат одговорот во истражувањата зошто згаснал градот Еударист, кој имал континуитет од железното време до средниот век и очекуваат дека што поскоро државата ќе најде начин да ги регистрира приватните збирки на колекционерите, кои ќе бидат нивни огледала во минатото. Дотогаш локалитетот Градиште на Дреновската Клисура останува атрактивно место за дивите копачи, кои го изнесуваат националното богатство од земјата.
Зорица Атанасова
