Thanks for the kind words
НЕГРИЖАЗАМАКЕДОНСКИТЕ ДРЕВНИ ГРАДОВИНиз античка Персеида пасат кози
Ридот над битолско Црнобуки, кој крие голем број артефакти за македонската историја, иако прогласен за заштитена зона, наместо за наоѓалиште, денес служи за паша на стоката

Цела деценија државата не издвоила ни денар за истражување на локалитетот Градиште кај битолското село Црнобуки, за каде што археолозите претпоставуваат дека се наоѓала престолнината на Персеј, последниот македонски крал од античко време. Ридот, кој крие голем број артефакти значајни за македонската историја, иако прогласен за заштитена зона, наместо за наоѓалиште, денес служи за паша на кози. Куќите во селото претставуваат вистинска ризница на предмети од античко време, монети со ликот на македонските владетели, керамика и плочи испишани со старо писмо.
- Досега сум пронашол околу 30 монети. На нив е исцртан машки лик и пишува нешто на старо писмо. Но, дел со себе зеде сестра ми кога замина за Србија - вели Тоде Јанкуловски, жител на Црнобуки. На керамичките предмети се исцртани женски фигури со ѓердани, качени на коњи. Од селските дворови ѕиркаат камени плочи испишани со старо писмо.
- Додека оравме, во 1970 година, со плугот го откопавме овој камен. Дојдоа експерти за да го прочитаат, но не кажаа што е. Потоа копавме длабоко во земјата за бунар и на четири метри наидовме на фурна градена од тули - вели Драги Белокозовски.
ЦЕЛ НА ДИВИТЕ КОПАЧИ
Жителите раскажуваат дека незаштитеното место е цел на диви копачи. Доаѓале и странци, кои од селаните барале да им дадат дел од пронајдените предмети.
За афирмација на местото во последно време се залага само Здружението Градиште-Персеида од Битола. Публицистот Кире Добрушевски, кој е претседател на Здружението, детството го минал во Црнобуки, собирајќи статуетки што плугот ги исфрлал од земјата додека татко му ја орал нивата. Сега извршува обемни истражувања низ историската литература да открие нешто повеќе за местото.
- Според археологот Иван Микулчиќ тука се наоѓал градот што македонскиот владетел Филип Петти го изградил во чест на синот Персеј и го крстил според него. Сите луѓе што тука орале, а некои и намерно копале, наоѓале монети со ликот на Филип. Дел од нив се наоѓаат во странство. Истражувањата досега биле повеќе од скромни - тврди Добрушевски. Персеј бил последниот македонски крал, кој во 168 година пред новата ера ја загубил Третата македонско-римска војна. По поразот македонското кралство било уништено, а сите богатства разграбани.
- Откако сојузниците му откажале соработка, меѓу кои се споменуваат и грчките племиња што застанале на страната на Римјаните и со оружје и со сила, Персеј ја изгубил војната. Криќани му ги киднапирале децата Лариса и Александар и му ги предале на војсководецот Луциус Емилиус Паоло. Поради грижа за нив Персеј се предал - додава Добрушевски.
ДВЕ ВЕРЗИИ ЗА СМРТТА НА ПЕРСЕЈ
За смртта на Персеј има две верзии. Едната дека починал од умор зашто римските војници не му давале да спие. Другата дека по пропаста на неговото царство, од тага престанал да јаде и умрел.
Се претпоставува дека гробницата му е во местото Маљано де Марси во Италија. Здружението Персеида добило согласност од италијанска страна за формирање мешовита група на археолози, кои ќе ја истражуваат гробницата.Дека Персеида се наоѓала во Црнобуки, во своите дела посочува и познатиот македонски археолог Ангелина Маркус. Таа апелира да се зачуваат археолошките наоди зашто таму се запишани македонската историја и име.
- Кога пред 10 години најдоа пара од периодот на Персеј, сите рекоа дека е непознат крал, непознато име и го оставија настрана без да го доработат. Така правиме со македонската историја. Треба да се отворат древните македонски градови Стибера, Алкомена, Црнобуки. Во нив има градби од прилепскиот мермер - вели Маркус.
Жанета Здравковска
Фото: Дарио Јанковиќ