http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=C7D403D3F0648D4F846777322D68AA28ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО
Реституцијата непозната за МакедонијаБлагодарение на интензивните кампањи за реституција, Египет, Етиопија, Италија, Грција и многу други земји вратија дел од своето дисперзирано културно наследство

Наши златни маски како таа од Требеништа има во музеите во Белград и во Софија
Македонија досега не повела никаква сериозна акција за да го врати културното наследство кое под разни околности било изнесено од земјава пред многу години. Меѓу нив има предмети, ремек-дела на старите цивилизации, стари ракописи и документи. Тоа се златните маски и сиот накит пронајдени кај охридското село Требеништа, скулптури од Хераклеја Линкестис и од Стоби, и многу други артефакти.
Одговорните за заштита на културното наследство со години велат дека за овој проблем нема решение, бидејќи сите предмети биле изнесени од Македонија пред 1945 година, во време кога земјава не била „правен субјект“, односно била под нечија власт. Но, Грција веќе две и пол децении од Велика Британија ги бара назад мермерните скулптури од храмовите на Акропол во Атина иако се изнесени од земјата на почетокот на 19 век, во време кога Грција била под османлиско ропство.
Зошто Република Македонија е толку пасивна кога ќе се спомне реституција на културното наследство, кога оваа тема во последните пет години стана многу актуелна во светот? Благодарение на интензивните кампањи за реституција Египет, Етиопија, Италија, Грција и многу други земји вратија дел од своето дисперзирано културно наследство. Борбата можеби долго трае, но има ефект. Скандинавските земји лани на Грција и' вратија неколку мали парченца од храмовите на Акропол.Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, смета дека реституцијата практично е невозможна. Тој вели дека такво е меѓународното право. Единствен спас, вели Кузман, е да се донесе меѓународна конвенција која ќе им овозможи и на земјите што некогаш не биле правни субјекти, да побараат враќање на културното богатство.
МНОГУ ДА СЕ РАБОТИ
Во 1983 година, познатата грчка актерка Мелина Меркури, тогаш министерка за култура, почнала кампања за Велика Британија да ги врати скулптурите од Акропол, кои се наоѓаат во Британскиот музеј. Во 1984 година Грција доставила барање до УНЕСКО за официјално враќање на антиквитетите. Лани Министерството на Велика Британија прифати да дискутира со Грција на таа тема. Слични акции правеа и другите земји. Според правникот Јован Ристов, поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство, „не држи вода“ тезата дека Република Македонија не може да се повика на правото на реституција бидејќи не била суверена држава.
- Никој не може да ни го забрани правото да ги бараме тие предмети. Но, треба многу да се работи. Треба да се направат реституциски барања, да се истражува, да се пронајдат предметите, да се обезбеди документација за нив. Треба да се притисне и по дипломатски пат - вели Ристов.Тој објаснува дека Македонија досега само со САД потпишала договор за враќање на предметите што се дел од културното наследство. Немаме потпишано други билатерални ниту мултилатерални договори. На прашањето зошто нашите институции никогаш сериозно не го отвориле прашањето за реституција, тој вели:
- Прашање на определба на политика е дали ќе се постави тоа прашање. Но, мора да знаеме што имаме, што имаме и што бараме. Втора работа е како да дојдеме до тој предмет. Немаме јасни сознанија кои предмети каде се наоѓаат, кога, кој и како ги изнел од земјава. Но, ниту една конвенција не забранува да се решава ова прашање.
ПРИВИЛЕГИРАНИ ЗЕМЈИ
Во текот на Првата светска војна, во 1918 година, бугарската војска случајно открила неколку гроба од некрополата кај Требеништа. Меѓу 1930 и 1934 година српскиот археолог Никола Вулиќ открил уште шест нови гроба. Од требенишката некропола 258 предмети денес се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот и музеј во Охрид.
Предметите биле пронајдени при легални археолошки ископувања. Кога била создадена Федерацијата, нашиот тогашен комитет за култура побарал од Белград да ги врати маските, но и тогаш имало голем отпор. Со Бугарија во 1947 година бил потпишан мировен договор, но не била потпишана никаква спогодба за реституција на културните богатства. До 1954 година Југославија редовно поднесувала официјално барање за реституција на културните богатства до бугарските власти. Оттогаш тоа прашање не е отворено.Ристов вели дека пред да се направи каков било чекор, неопходно е да направиме целосна документација за предметите.
- Но, и во меѓународното право, големите земји прават се' за да извлечат полза. Во рамките на УНЕСКО, развиените земји се изборија за правило. Матичната држава и да докаже дека предметите и' припаѓаат, другата држава може, но не мора да ги врати, ако докаже дека матичната земја нема соодветни услови да го чува, заштитува и да го презентира културното наследство. Сепак, треба да се отвори вентил во нашата официјална политика, независно која партија е на власт. Овој проблем влегува во категоријата на траен национален интерес - вели Ристов.
ИНФО-Непотпишани меѓународни договори
Македонија не ги бара антиквитетите изнесени пред 1945 година зашто земјава не била „правен субјект“, односно била под нечија власт. Грција веќе две и пол децении ги бара од Велика Британија мермерните скулптури од Акропол во Атина иако се изнесени на почетокот на 19 век, во време кога Грција била под османлиско ропство.Македонија само со САД потпишала договор за враќање на предмети.
СТАВ
Акција за враќање на нашето богаство
Во време кога земјите се' погласно си ги бараат назад антиквитетите што се во некои туѓи витрини и туѓи музеи, ние како предвреме да сме кренале раце од богатството што ни е земено. Тие што ни го одзедоа културното наследство си имаат алиби: дека тогаш Македонија не постоела како држава. Но и Грција пред стотина години не постоеше како држава, па многу артефакти си ги врати дома. Комплицираната постапка за реституција не е оправдување што сме дозволиле да поминат повеќе од шест децении а никој да не побара враќање на нашите артефакти. Други земји се изборија за нив.
Весна Ивановска