http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=28FE3095E6B1B04B803E5BDCE1904235ЕКСКЛУЗИВНИ НАОДИ ВО НЕКРОПОЛАТА КАЈ ВАЛАНДОВО
Исар-Марвинци открива големи богатстваНеколку десетици археолози и илјада работници од февруари до декември ќе го истражат последниот сантиметар земја од некрополите на големиот антички град, најави Паско Кузман

Богата гробница со шест цели керамички урни и еден исклучително редок гроб во кој покојникот бил закопан во бронзена урна открија археолозите во изминатиот месец, истражувајќи ги некрополите на античкиот град на локалитетот Исар кај валандовското село Марвинци. Тие вчера во Музејот на Македонија ги претставија најрепрезентативните наоди од ископувањата на некрополата надалеку позната по нападите од диви копачи.
Прекрасна стилизирана бронзена глава на Силен (Пан), со кадрава брада, намуртени веѓи, со лозов венец околу косата, заедно со бронзената глава на коњ и златните релјефно декорирани листови што ги краселе градите на покојникот, златни обетки, керамички садови, теракотни фигури и садови што требало да им се најдат на умрените во другиот живот се само дел од предметите што покажуваат како живееле нашите предци пред многу векови. Истражувањата што се одвиваа на Лисичин Дол, некрополата од железно време и на југозападната некропола од македонско-хеленистичкиот период покажаа дека луѓето на Исар живееле од 10 век пред новата ера до крајот на 5 век. Досега почетоците на локалитетот беа лоцирани во 8 век пр.н.е. Археолозите се' уште не можат да утврдат дали кај Марвинци бил античкиот град Добер или Идоменае, но едногласно велат дека тоа бил најмоќниот јужен град во античка Македонија, во кој богати, ситуирани граѓани уживале во високоцивилизираното општество.
ЗА 70 ДЕНА ОТКРИЕНИ 400 ГРОБА
Локалитетот денес познат како Исар-Марвинци се ископува со години. Годинашните ископувања се уникатни бидејќи почнаа со единствена цел - да се истражат сите гробови и да не се остави ниту педа земја за дивите копачи. Археолозите се на добар пат да ја остварат идејата. За два и пол месеца истражија 400 гроба. Во „нормални“ услови, со ограничен буџет, оваа квота би ја исполниле за пет години.Истражувањата годинава ги финансираше Владата со 5 милиони денари. Акцијата ја координираше Управата за заштита на културното наследство, а ја спроведе Музејот на Македонија. Раководител на истражувањата е археологот Златко Видески, кој на локалитетот работи од 1997 година. Тој беше дел од екипата што на Лисичин Дол го пронајде гробот на „пајонската свештеничка“.
Годинава на археолозите им се разјаснија многу тајни. Една од нив е дека некрополата била ограбувана и во антиката. Од тоа што го откриваат, 20 отсто е оштетено. Другите гробови се интактни, односно недопрени.
- Не' изненади богатството на материјалот што го пронајдовме. Бронзената урна сите не' вчудовиде. Досега кај нас не сме пронашле таков предмет. Тоа веројатно бил многу богат човек штом можел да си дозволи такво богато погребување. На Марвинци сум многу години. Досега работевме со малку пари. Но, ова е сон на секој археолог. Да го спасиме Исар од дивите копачи. Сега имаме можност да ја спасиме некрополата - вели Видески.Веројатно тој сон наскоро ќе им се исполни, судејќи по зборовите на археологот Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.
В ГОДИНА ПОМАСОВНИ ИСКОПУВАЊА
Неколку десетици археолози и илјада работици во февруари ќе заминат на Исар-Марвинци за да го истражат последниот сантиметар од некрополите на големиот антички град, најави вчера Кузман. Мотив за оваа акција е постојаното оштетување на локалитетот - во диви ископувања се оштетени околу 1.000 гробови.
- Ископувањата ќе траат од февруари до декември. Акцијата годинава е ништо во споредба со тоа што ќе се случува в година. Ако немаме доволно археолози, ќе ангажираме колеги од цел Балкан. Мора да го спречиме изнесувањето на нашата култура од Исар-Марвинци, кој се разнесува низ светот. Во моментот има политичка волја за ваква акција - рече Кузман.Нумизматичкиот материјал го обработува Перо Јосифовски, програмски директор во Музејот на Македонија. Тој вели дека според монетите може да се датира и да се идентификува населението.
- Наоѓаме монети од македонските кралеви Филип Петти и Персеј до времето кога Македонија паднала под римска власт, во 2 век пред новата ера. Луѓето што живееле на Исар-Марвинци користеле монети што биле ковани на овие простори - вели Јосифовски.
На југозападната некропола, каде што покојниците биле кремирани, археолозите пронајдоа и три бустуми (крематориуми), места каде што биле запалувани покојниците пред да бидат погребани. Веројатно во некој од нив бил погребан и богатиот жител на античкиот град на Марвинци.
ИНФО-Две децении рај за дивите копачи
Градот на Марвинци почнал да се формира уште во железното време, живеел со полн здив во македонско-хеленистичкиот период, а бил срамнет со земја во римско време, кога Готите го опустошиле целиот регион. Богатите некрополи се цел на дивите копачи веќе две децении - Република Македонија има увид колку гробови и гробници се уништени, но нема увид колку материјал е изнесено од земјава. За дивите ископувања на Марвинци пишуваше дури и реномираниот британски магазин „Економист“