Не ја знаат разликата меѓу Македонец и гркоман
Драги сонародници, дебатата на каналот АЛТЕР на грчката телевизија, меѓу членови од партијата Виножито и претставници од некои грчки партии, по повод извештајот на госпоѓата Мекдугал во ОН дека Грција ги негира малцинските права на Македонците и на Турците во Грција, наиде на големо интересирање меѓу македонската имиграција овде во Канада, бидејќи ова е првпат македонското прашање во Грција да дојде официјално до овие врати.
Ми остави голем впечаток претставувањето на случајот од страна на водителот на програмата, кој на многу јасен и едноставен начин нагласи дека извештајот е нешто многу сериозно за Грција и грчкиот народ, бидејќи на ваква тема грчките власти никогаш не зборувале и секогаш велат дека, освен грчкото муслиманско малцинство во територијата на Тракија, нема други малцинства во Грција.
Тонот на дискусијата од двете страни беше од надвикувачки карактер, особено на владините претставници, кои на секој начин се обидуваа да го претстават овој извештај како американска пропаганда што сака да направи дестабилизација на Балканот. Интересни беа телефонските јавувања на некои слушатели на програмата. Голем впечаток ми остави јавувањето на господинот Љанис, кој му се обраќаше на Павле Воскопулос, член на Виножито, и му рече дека Македонците во оваа партија не се ниту пет проценти од вкупниот број на Македонците во Грција, дека огромното мнозинство Македонци, кои ги има околу четиристотини илјади, се чувствуваат како Грци и, според тоа, нема зошто да се зборува за некакви права што вие ги барате.
Мислам дека господинот Љанис не сфаќа дека Грција не се плаши од тие околу три илјади члена на Виножито, нејзината болка се тие четиристотини илјади што ги чувствува во своето тело како рак, што моментално успева да го залекува со несвесни луѓе како него, што газат на гробовите на нивните предци или, пак, во случајот со професорот Михалис Ксантопулос, кој изјави дека се гордее што го зборува неговиот мајчин македонски јазик, а се чувствувал како Грк. Замислете си колку голем професор е овој човек, кој не знае која е разликата меѓу Македонец и гркоман или зошто иконите се пишувале по грчки во различни епохи на христијанството. Јас сум сигурен дека вистинските Грци го исмејуваат, бидејќи за Грк, мајчин јазик значи идентитет за еден народ.
Многу глупаво беше и изразувањето на претставникот од партијата Лаос, кој потценувачки велеше дека вистинските Македонци биле Грци и дека ние сегашните сме само „слави“ и ништо друго. Овој господин заедно со многу други сè уште живее во утопија, заблудени во древната грчка култура и не гледаат дека денеска населението во Егејскиот дел на Македонија се состои од ние ендопиите (домородците), кои зборуваме на домородниот македонски јазик, и просфигите, кои зборуваат главно на магирскиот (пондискиот) јазик.
Буквално земено господине Љанис, ендопис значи домородец на едно место и јазикот што тие го зборуваат би требало да биде и јазикот на тоа место.
Не е лошо да бидеш симпатизер на еден друг народ (во случај грчкиот), тоа е многу добар услов за добрососедство, но да се негираш самиот себеси, тоа е предавство на својот народ. Самите Грци велат дека Гркот се раѓа, а не се произведува. Јас знам дека вие сте доста позната личност, бидејќи сте од мојот крај. Застанете на страната на својот народ и бидете мост за добро пријателство меѓу нас и Грците, за да можеме да изградиме една современа и стабилна демократска Грција.
Зборовите на членот на Виножито дека треба да се престане со лажењето и исмејувањето на грчкиот народ и да му се каже вистината дека Македонците се различен народ од Грците, треба и вие да ги прифатите. Верувајте, народот нема да ве заборави и секогаш ќе ви биде благодарен.
Драги браќа, овие се нештата што јас ги одбрав од таа дебата. Дискусиите за средбата на госпоѓата Мекдугал со членовите на партијата Виножито во градот Воден, за тоа дека грчките новинари немале дозволи за тој состанок, не ги сметам за толку важни, бидејќи новинарите од Грција што велеа дека зборуваат македонски, не верувам да беа дојдени со добри намери на тој состанок.
Кочо Стерјовски од с. Ајтус, Леринско
Хамилтон, Канада
http://www.novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabID=2&fCat=1&EditionID=364&top=1&ArticleID=22307----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Убо имаш напишано Кочо, ама овие гркомани се прави тикви.