Се открива централното градско јадро на ХераклејаНа локалитетот цела година ќе работат околу 400 луѓе со намера да се откријат околу 14 илјади квадрати од стариот град и Хераклеја да блесне во целиот нејзин сјај. Првото изненадување за археолозите бил мозаикот кој бил откриен на само 20-ина сантиметри под површината на земјата во просториите на една вила урбана или луксузна вила

Веќе еден и пол месец во античкиот локалитет Хераклеја Линкестис врие како во кошница. Четириесетина археолози, конзерватори, архитекти,.историчари, етнолози од Битола, Прилеп, Ресен, од Демир Хисар и над 330 работници работат на целосното истражување на главниот град на областа Линкестида. Работите ги финансира Владата на Македонија и, како што најави, нема да штеди пари. Ќе даде онолку колку што е потребно за да блесне Хераклеја во сиот нејзин сјај.
До лани во Хераклеја беа истражени само 7.000 квадратни метри, а годинава се планира да се откријат околу 14.000 квадрати. "Тоа значи дека ќе го откриеме централното градско јадро и ќе добиеме комплетна слика за она што претставувала Хераклеја во сите периоди на нејзиното живеење", вели археологот Аница Ѓоргиевска која, заедно со Енгин Насух, раководи со истражувањето. А сликата веќе се зголемува. На виделина излегуваат работи кои со векови се криеле во длабочините на земјата. Некои и не така длабоко. "Сите бевме изненадени кога на само 20-ина сантиметри од оградениот простор на локалитетот и 20-ина сантиметри под површината на земјата откривме мозаик за кој не ни претпоставувавме дека може да го има тука", кажува Ѓоргиевска. Пронајден е во просториите на една вила урбана или луксузна вила, во чиј состав е откриена и една прекрасна цистерна која е комплетно зачувана со малтерот. Конзерваторите веднаш ја конзервирале, а мозаикот ќе мора уште извесно време да остане покриен. Така налагале конзерваторските закони. Затоа, пак, може да се види мермерната скулптура на војник оклопник или можеби цар.
"Не можеме со сигурност да кажеме дали е едното или другото, но знаеме дека скулптурата била искористена како камен-темелник за ѕид на некој објект", вели Ѓоргиевска и појаснува дека ова не е непозната појава во Хераклеја. Истото се случило и при пронаоѓањето на скулптурата на Тит Флавиј Орест. Тоа е само сведоштво за немирните времиња на овие простори, за борбите меѓу паганството и племињата кои доаѓале. Интересна е и пронајдената глава на египетската божица Изида, која послужила како обичен камен за пополнување на бедемот кој археолозите го открија уште при минатогодишните ископувања. "Бедемот го следиме и на источната и на западната страна. Откриени се речиси 90%. Станува збор за маркантен бедем со прекрасна техника на ѕидање опус микстум и комплетно зачувана малтерна подлога, односно основа на лицето на бедемот", вели Енгин Насух.

Освен недвижниот, значаен е и пронајдениот движен материјал. Во изобилство ја има и керамиката која донесе и новина. "Се мислеше дека урбаниот живот во Хераклеја замира кон крајот на 6 век. Но сега ние наоѓаме керамика која датира од седми, осми и деветти век, што значи дека тука животот се одвивал континуирано", кажува Ѓоргиевска. Има и голем број монети од македонско-хеленистичкиот период, па римски и рановизантиски монети, кои веднаш се обработуваат во импровизирана конзерваторска работилница. "Во истиот момент се прави конзервација на керамиката и на металот. Не се чека. Податоците ги добиваме веднаш и подготвени сме за доста краток период да ги покажеме крајните резултати", вели Насух, кој очекува наскоро да пристигне и новата опрема за работилницата, како и монтажен објект, со што ќе се подобрат и условите за работа на конзерваторите. Сега се работи на 7 истражувачки полиња на површина од 5 до 6 илјади квадратни метри, но заложба е просторот за истражување да се проширува. Министерството за култура веќе е во фаза на откупување на парцели од овој дел на градот кои се во приватна сопственост каде што ќе се продолжи со комплетни, систематски истражувања. Потоа останува конзервацијата на архитектурата, што значи поголем обем на работа, организација, но и нови, големи средства.
Археолозите потајно се надеваат дека ќе се открие и нешто за што само читале во литературата. Сон на Аница Ѓоргиевска е да ги открие некрополите од времето на римското живеење. Посебно гробот на сестрата на Теодорих, водачот на Готите. Таа кажува дека историчарот Малхос во неговите списи запишал дека Теодорих двапати престојувал во Хераклеја и направил голем грабеж. Првиот пат епископот ги спасил неговите сограѓани, давајќи му на Теодорих дел од богатството на Хераклеја, но вториот пат немале што да му дадат. Тој се разгневил и го запалил градот. Малхос пишува дека не останал ниеден маж во градот, а жените биле повлечени во соседниот каструм. Очајни, тие го проколнале Теодорих, и за брзо време неговата сестра умира токму во Хераклеја. "Сакам да го најдам тој гроб, зашто се надевам дека Теодорих тука оставил дел од богатството на градот", вели Ѓоргиевска.
Археолозите се пред голем предизвик, но и голема обврска, зашто работат на вековната шанса за Хераклеја. Мртвиот град повторно да го оживеат. Со истражувањата во Хераклеја , кои нема да запрат тука, античкиот град треба да се конзервира и ревитализира. Сите откритија ќе треба и научно да се обработат за да се добијат јасни податоци за животот на овој град, кој има континуитет на живеење од праисторијата до денес. Само така, аргументирано, ќе можеме на светот да му говориме за нашето минато.
Филип Втори ја изградил Хераклеја
Хераклеја Линкестис е подигната од Филип Втори Македонски. Четвртото колено на македонската кралска династија потекнува токму од Битолско, од областа Линкестида. Според историчарите и археолозите, мајката на Филип е родена во овие краишта. Со доаѓањето на Римјаните, Хераклеја е освоена и ставена во четвртата област. "Жално е што со освојувањето на Македонија од Римјаните, таа е поделена на четири области. Бил донесен закон со кој се забранувала секаква комуникација меѓу луѓето од економски, трговски, од стопански аспект. Но најтажно е што им било забрането да се мажат и женат меѓу себе. Тоа е момент кој ја намалува силата на Македонија. Македонија сигурно била многу силна кога била обединета, па не случајно била поделена", вели археологот Аница Ѓоргиевска. Хераклеја се развила во вистински бисер на римската архитектура.Таа станува познато епископско седиште во времето на раното христијанство, епископски центар во кој главниот збор го има епископот. На сите црковни собири се спомнува хераклејскиот епископ, а напати се споменува дека епископот хераклејски го заменува солунскиот викар, што значи дека имал доста голема улога.