Владата не била информирана за Вергина на дипломите
Весна Коваческа - Трпчевска Коментари (0)
27.03.2011 18:43
Ставањето на симболот од Вергина во универзитетски дипломи, било одлука на штипскиот државен Универзитет - премиерот Груевски и министерот за образование Тодоров, се оградуваат од потегот кој ги поткопува македонските позиции, во време кога се очекува разврската на процесот против Грција во Хаг.
По излегувањето на 350-те дипломи со симболот што ги проблематизира македонско-грчките односи, денешната изјава на премиерот не навестува дека владата ќе побара од Универзитетот „Гоце Делчев“ корекција.
„Јас не сум ги видел тие и денеска прв пат слушнав за таква работа, така што тоа во секој случај не е барање или одлука на Владата, тоа веројатно, доколку е така, станува збор за одлука на Универзитетот“, изјави премиерот Груевски.
Министерот за образование се согласува дека е потребна рационалност, но и денеска како вчера, само најави дека ќе се информира за одлуката, за која и тој тврди дека не знаел.
„Мислам дека во овие моменти треба рационално да размислиме за овие постапки. Во секој случај јас ќе разговарам со надлежните во Универзитетот и ќе донесеме заедничка одлука. Јас во теков на вчерашниот ден воопшто не бев запознаен ниту јас, ниту Владата“, вели Никола Тодоров, министер за образование.
Ректорот од Штип денеска не беше достапен за коментар.
Вчера од универзитетот рекоа дека мотивот бил земен од икона на Богородица во црквата, во чие дворно место ќе се смести ректоратот. Сонцето од Вергина кое и Македонците и Грците го сметаат за свое национално обележје, периодов повторно ги бранува македонско грчките односи, по појавувањето на министерот за надворешни работи Милошоски на натпревар, со малолетното дете кое вееше знаме со ѕвездата.
Во Хаг, каде Македонија го тужи соседот за кршење на времената спогодба, Грците токму употребата на симболот ја користеа меѓу контра аргументите против земјава. Експертската јавност стравува дека одлуката сонцето да влезе во дипломи од државен Универзитет, може сериозно да и наштети на земјава.
http://a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=136025